Сладоледите на Јанако во времето биле мелем за душата на цел Прилеп: Многу малку било потребно за среќа

Децата, а и возрасните, отсекогаш уживале на слатките замрзнати задоволства приготвувани и продавани од сладоледџијата Јанко со количката уште во минатиот век.

Во сирамашните периоди, да се лиже сладолед беше луксуз, што си го дозволуваа само чорбаџиските деца или повозрасните ќерки и синови.

Иако далеку понеквалитетен од денешниот, на децата им течеа лиги по усните, кога некој ќе држеше сладолед в раце и ќе се сладеше со бучкурушот од малку млеко, вода и арома на овошје или ванила.

Јанко сладоледџијата секое лето беше хит. Беше центар на вниманието насекаде каде ќе се појавеше неговата количка со сладолед. Особено триеше раце за празници.

За Велигден, децата добиваа по некоја паричка со јајцата и веднаш купуваа сладолед. Имаше врвулица моми и ергени околу Јанко за Голем Петок на Варош. Се посакуваше “гласот” на Јанко и на Ѓурѓовден. За Петровден скокаа децата до таван, кога ќе купеа сладолед, а за Свети Илија, студеното слатко задоволство беше мелем против горештините.

Им светнуваа очите и им се зацрвенуваа образите, им излегуваа насмевки на лицата од кефот на сладоледот. Кога ќе викнеше по маалото, сите излегуваа на порти. Го оставаа тутунот ненанижен и трчаа со љубопитство и со жед на нешто фантастично, кое го пробаа само малкумина. Јанко беше, небаре магнет и за оние боси, без опинци со парталави куси гаќи, и за оние со паричка, дотерани и натокмени, ко за на свадба, секој миг лете.

Со годините Јанко папса, но не се смени страста кон сладоледот. И неговите наследници во бизнисот одржуваа фамилии со сладолед, кој повеќе личеше на замрзната слатка вода, која денешниве деца не би ја намирисале, а камо ли да ја пробаат и да се разладуваат.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.