Сите за Михо! Хуманитарен концерт во Прилеп за шестмесечното бебе на кое му е потребна нашата помош

Шестмесечниот Михо од Прилеп, кој се роди предвреме заедно со својата сестричка близначка Мина, веќе шест месеци се бори со тешка бактериска инфекција и хидроцефалус. Од денот на раѓањето е во болница, а неговото семејство сега се соочува со нова и исклучително тешка битка – да му овозможи неопходно лекување во Истанбул, Турција.

Трошоците за лекувањето се огромни, а само еден ден интензивна нега чини 2.000 евра. На Михо му е потребна нашата помош, за да ја добие шансата конечно да си замине дома, да порасне покрај своите родители и сестричката Мина и да го има детството што секое дете го заслужува.

Токму затоа, во Прилеп ќе се одржи голем хуманитарен концерт под мотото „Сите за Михо“, на кој музиката ќе биде во служба на хуманоста, а секоја донација ќе претставува дополнителна надеж за ова мало срце.

На сцената во НУЦК „Марко Цепенков“ ќе настапат The Hounds, Алекса Петрески, Libero Band и Димитар Андоновски, кои со својот настап ќе дадат поддршка во оваа хуманитарна мисија.

Концертот ќе се одржи на 16 ноември (понеделник), со почеток во 19:00 часот, а влезот ќе биде со хуманитарна донација од 250 денари.

Ова е можност сите заедно да покажеме дека хуманоста сè уште живее во нас. Да ги исполниме местата во салата, да ја испратиме пораката на солидарност и да помогнеме Михо да ја добие најважната битка – битката за живот.

За неговото утре, за неговата насмевка и за шансата да има безгрижно детство!

СИТЕ ЗА МИХО! ❤️




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.