Проданоски: “Дали е веќе јасно дека во Прилеп владее злосторничко здpужение?” (Видео)

Прилеп денеска живее во страв и паника! Во само десетина дена граѓаните одново ги потресе дојава за поставена бомба во истиот локал, и тоа за време на најголемото случување во државата “Пивофест” – истакнаа на денешната прес конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:

“Додека во центарот на Прилеп имаше илјадници луѓе и како никогаш досега присутни полициски сили, повторно некој се обиде да ги загрози животите на граѓаните, а сеуште не е расветлен првиот настан.

Испарија уверувањата на градоначалникот Илија Јованоски и МВР дека градот и фестивалот се безбедни и дека состојбата е под контрола.

Ова е веќе црвен аларм и итно се потребни одговори од властите, особено од министерот за внатрешни Оливер Спасовски.

Господине министер одговорете и на јавноста како и на кој начин вашите припадници ги штитат граѓаните и што ли е потребно да се случи за вие да се одважите и да реагирате?
Дали е веќе јасно дека во Прилеп владее злосторничко здужение и истото се наоѓа во редовите на вашата партија?

Со месеци апелираме до вас дека градот е претворен во криминално дувло, дека се палат автомобили, се напаѓаат полицајци, се случуваат филмски грабежи среде бел ден, и што ли уште не, а вам сеуште мува не ве лази.

Прилеп е претворен во црна точка во државата која секој ја одминува, а одговорноста за тоа е целосно ваша и на градоначалникот Илија Јованоски.

Со оглед дека сето ова се случува во локалот на истакнат член на вашата партија, граѓаните мораат да знаат која е позадината на настанот и дали се работи за пренесување на некакви пораки и нерасчистени сметки?

Веќе апелиравме да се позанимавате и со првите луѓе кои треба да ја гарантираат безбедноста во Прилеп, каде најповикан е командирот на Полициската станица, Кире Спиркоски.

ВМРО-ДПМНЕ одново бара негово разрешување од функцијата и поставување на човек кој ќе работи исклучиво во интерес на зачувување на јавниот ред и мир.

Граѓаните не ги интересираат интригите и пресметките во вашиот двор, но бараат безбедно да се движат низ својот град.

Вашата незаинтересираност резултираше и со нарушување на угледот на фестивалот, настан кој е од витално значење за целата држава.

Бараме веднаш, во текот на денешниот ден да излезете со конкретни одговори и да преземете конкретни чекори, со цел посетителите во преостанатите два фестивалски дена да се чувствуваат безбедни во Прилеп”.

ВИДЕО: “Инфо Компас”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.