Проблеми и за родителите и за децата: Учебниците ќе доцнат на стартот од школската година?

Наставните програми се готови, но учебниците ќе доцнат во првите месеци од учебната година.

-На анонимниот конкурс дел од ракописите се избрани, но има и такви кои се со забелешки од рецензентските комисии и треба да претрпат одредени измени/дополнувања. Откако авторот/авторите ќе ги имплементираат, повторно ракописот со измените се враќа кај рецензентите заради констатирање на измената. Така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници, велат од Министерството за образование.

Во меѓувреме, во тек е и постапка за избор на економски оператор за печатење и дистрибуција на учебниците, а на 12 август беа отворени пристигнатите понуди.

Од ВМРО-ДПМНЕ го потсетуваат министерот за образование Јетон Шаќири на законската обврска учениците на 1 септември да добијат учебници.

Основците и средношколците во земјава годинава се враќаат на училиште од 1 септември, иако имаше идеја учебната година да стартува 10 дена подоцна, односно на 12-ти септември, потврди за Мета.мк министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој најавува дека оваа нова пракса е предвидено да се воведе од следниот септември, а учебната година во тој случај ќе трае до 20 јуни.

-За оваа идеја дискутиравме заради тоа што, во некои од нашите земји во регионот како на пример Албанија, Хрватска, учебната година не започнува на 1 септември како кај нас, туку подоцна. Јас би сакал да се помести стартот, размислувам за тоа, иако треба да видиме како ќе се усогласиме со СОНК, синдикатите, како и останатите институции кои се врзани со датуми, на пример, Државниот испитен центар кој е врзан со рокови заради мноштво полагања, меѓу кои и полагањето државна матура. Инаку сметам дека идејата за пролонгирање на учебната година е добра – вели Шаќири.





Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.