Прилепчанецот Константин Костоски апсолутен победник на најмасовната трка кај нас “Прв до врв” (Фото галерија)

На 17 мај, се одржа 14. издание на една од најпрепознатливите спортско-рекреативни манифестации во Македонија — „Прв до врв“. Настанот и оваа година ја оправда својата репутација, собирајќи повеќе од 4.500 учесници од Македонија и од странство, со што уште еднаш потврди дека станува збор за најмасовното организирано планинско искачување во регионот.

Низ падините на Водно, во одлична спортска атмосфера, учесниците се натпреваруваа во пет дисциплини: планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, e-bike трка и тим-билдинг трка за компании.

Особено внимание привлече друмската велосипедска трка, која годинава се бодуваше и за ранг-листата на Велосипедската федерација, што дополнително го зголеми нивото на конкуренција и квалитетот на учесниците. На стартот се појавија повеќе од 140 велосипедисти од различни возрасни категории и од неколку држави, а темпото уште од самиот почеток беше исклучително силно.

Прилеп на оваа манифестација беше претставен од ВК Херој — единствениот велосипедски клуб од градот што настапи на трката.

Андреј Маџоски и Стефан Маџоски, кои, иако не важат за типични возачи за брдски патеки, прикажаа одлични возења и голема борбеност на патеката.

Според неофицијалните резултати, Андреј Маџоски трката ја заврши на 8. место во својата категорија, додека Стефан Маџоски беше 4-топласиран, резултати што претставуваат сериозен успех ако се земе предвид профилот и тежината на патеката.

Апсолутен победник на друмската трка беше Константин Костоски, кој со импресивно време од само 36 минути успеа прв да стигне до целта. Тој со само 17 години е најмладиот победник на оваа трка. Константин со победата ја потврди својата одлична форма и квалитет.

„Прв до врв“ уште еднаш покажа дека спортот има моќ да обединува луѓе од различни генерации, градови и држави. Покрај резултатите и пласманите, најголемата вредност на настанот останува позитивната енергија, дружењето и промоцијата на активен и здрав начин на живот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.