Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, денеска се одржа едукативен настан посветен на најмладите, во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, а во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Како дел од програмата, беше изведена и театарската претстава „Застани, погледни па на пешачки премин премини“, преку која учениците од основните училишта на интерактивен начин се запознаа со правилното и безбедно учество во сообраќајот.
Од РСБСП најавуваат дека во наредниот период ќе следуваат и активности насочени кон матурантите, со акцент на безбедно однесување за време на матурските прослави, избегнување управување со моторни возила, користење такси или јавен превоз, како и апел за неконсумирање алкохол.
„Со оваа едукативна и превентивна кампања сакаме да ја подигнеме сообраќајната свест и култура кај најмладите учесници во сообраќајот, а тоа се децата. Со оваа претстава истите ќе бидат запознаени со основните правила и прописи како самостојно да учествуваат во сообраќајот, со цел да не ни се случуваат несакани последици, а тоа се сообраќајни незгоди во кои би страдале тие, а тие се нешто највредно што го имаме како општество“, кажа Горан Ангеловски, претседател на РСБСП.
Воедно, се најавува дека до 2027 година Прилеп ќе добие статус на побезбеден град, со имплементација на системот „Сејф сити“ и поставување на видео надзор на повеќе локации.





























