Пред Велигден тyтyнapите со пpaзни paце, субвенции на крајот од мај – одново му се обратија на 3аев кој не лажел, туку кажувал невистини? (Видео)

Тутунарите гневни на премиерот Заев по вчерашниот негов одговор на пратеничкото прашање за нив, кога тој рече дека за тутунопроизводителите Владата обезбедила 7 милиони евра поддршка. Тутунарите, на социјалните мрежи му возвратија дека очигледно било дека земјоделците и премиерот не живееле во иста држава и во ист свет, притоа коментирајќи дека тој не ја говорел вистината.

Наспроти многубројните повеќемесечни ветувања дека ќе им биде ублажена огромната штета од последната незапамтено лоша откупна кампања, македонските тутунари и за Велигденските празници остануваат со празни раце. Се уште ништо реално од петтиот пакет Ковид-мерки, ги нема субвенциите, а ги нема ниту ветените дополнителни 26 денари по килограм тутун за веќе откупениот род. Тутунарите се жалат дека живеат на вересија.

„До ланската година, субвенциите ги добивавме во април месец, годинава тоа нема да биде случај..субвенциите се предвидуваат на крајот на месец мај. Исто така, Ковид-мерката е изгласана, но тутунарите не добиле средства, не знаат ни како ќе се распределат. Молк е и од Владата, и од Министерството, а и овие средства што ги бараме за просечната цена, и тие не знаеме дали ќе ги добиеме“, – ни изјави за Алфа, координаторот на четирите новоформирани тутунски здруженија, Игор Мирчески.

Она што дополнително ги загрижува е и стартот на новата реколта, која во одредени региони веќе е во тек. Бидејќи немаат пари, а годинава имаат и услов за намалување на годишното производство и плус околу еден милион килограми неопткупен лански тутун кој им „лежи“ по амбарите, не знаат како ќе издржат. Велат дека доколку продолжи овој игнорантски и манипулативен однос на надлежните, повторно ќе се вратат на улиците.

„Во случај да не се исплати Ковид-пакетот, да не се исплати разликата онаа која што ни ја вети во Владата, тутунарите сега веќе нема што да изгубат, туку едноствано своите права, а ќе ги повикаме тука и сите земјоделци, впрочем и целата земјоделска политика, аграрна политика ни е во хаос, ќе ги повикаме на еден масовен протест…Ние сме категорија која произведува храна и ја храни нацијата, ние не сме на товар на Буџетот, значи бараме само она што нас ни следува“, – дециден е Мирчески.

Инаку, тутунопроизводителите пред неколку дена, по којзнае кој пат, со јавно писмо побараа од Заев итно да се отвори дебата за нивните проблеми, а на која задолжително ќе учествуваат и тие.

Каролина Дурло

Денеска од иницијативниот одбор на тутунарите одржаа и прес конференција, од каде истакнаа дека го почитуваат премиерот како функција и нема да го користат зборот лаги, туку зборот невистини.








Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.