По Каролина Гочева, познато и второто име кое ќе настапи на AirFlow Мusic Festival во Прилеп

По објавата дека една од најголемите македонски музички ѕвезди, Каролина Гочева, ќе настапи на второто издание на AirFlow Music Festival, организаторите денеска го открија и второто име кое ќе ја збогати фестивалската програма.

Станува збор за легендарниот прилепски рок бенд The Hounds, состав кој со децении е препознатлив дел од музичката сцена низ цела Македонија.

„AirFlow не би бил прилепски фестивал без легендарниот рок бенд The Hounds. Со децении се дел од музичката приказна на Прилеп, а и оваа година ќе ја донесат препознатливата енергија и безвременските рок хитови на AirFlow. Подгответе се за вечер исполнета со одлична музика, силна атмосфера и вистински рокенрол! Се гледаме на AirFlow!“, порачаа организаторите преку социјалните мрежи.

Второто издание на AirFlow Music Festival ќе се одржи на 28 и 29 август на Спортскиот аеродром во Прилеп, каде посетителите ќе имаат можност да уживаат во два дена исполнети со музика, дружење и уникатна фестивалска атмосфера.

Минатогодишното дебитантско издание покажа дека Прилеп има капацитет за фестивал од ваков формат, а покрај големата посетеност, AirFlow остави силен белег и по својата хуманост. И оваа година фестивалот ќе има хуман карактер, бидејќи дел од средствата од продадените влезници ќе бидат наменети за лекувањето на малиот Никодим Мидоски, што значи дека секоја купена влезница ќе биде и директна поддршка за оваа благородна цел.

Со Каролина Гочева и The Hounds веќе потврдени како дел од програмата, очекувањата за второто издание на AirFlow Music Festival се уште поголеми, а организаторите најавуваат дека во деновите што следуваат ќе бидат објавени и нови звучни имиња кои ќе настапат на фестивалската сцена.

Прилеп повторно ќе живее во ритамот на AirFlow




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.