„Поетско Маркукуле“ по 19. пат ќе ги обедини поетите и вљубениците во убавиот збор во Прилеп

Клубот на литературни творци од Прилеп и годинава ја продолжува традицијата на поетските средби под Маркукуле, со одржувањето на манифестацијата „Поетско Маркукуле 2026“, која ќе се одржи на 15 и 16 август.

Манифестацијата ќе започне на 15 август со прием на поетите и учесниците, кој е предвиден од 17:00 до 17:50 часот. Свеченото отворање ќе се одржи во 18:00 часот, по што во 18:15 часот ќе следува промоцијата на зборникот „Поетско Маркукуле 2026“.

Од 18:45 часот е предвидено претставувањето на поетите, кои пред присутните ќе се претстават со свои авторски песни. Во рамки на програмата ќе бидат доделени и благодарници и признанија за учесниците и придонесот кон манифестацијата.

Програмата на првиот ден ќе заврши со свечено затворање во 20:45 часот, а од 21:00 часот за учесниците ќе следуваат закуска и коктел дружење.

Вториот ден, 16 август, ќе биде посветен на продолжување на поетската приказна на автентично место поврзано со „Поетско Маркукуле“. Од 10:00 до 11:00 часот учесниците ќе го посетат Тронот кај Слонот, каде што ќе се одржат и поетски читања во амбиентот под Маркукуле.

„Поетско Маркукуле“ и годинава ќе понуди можност на едно место да се сретнат авторите, поетите и љубителите на пишаниот збор, продолжувајќи ја традицијата на оваа препознатлива прилепска културна манифестација.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.