Победа конечно победи, дури четврти пат во 24 кола

Попладнево на стадионот во Радовиш, во натпревар од 24-тото коло на Втората лига-Исток, фудбалерите на Победа ја совладаа домашната Плачковица со 3-1.

Тоа беше доста значаен меч за двата тима во борбата за опстанок, а црвено-белите со денешната победа ги елиминираа надежите на радовишани дека би можеле да ги претекнат на табелат,а во борбата за директен опстанок во лигата.

Свесни за значењето на натпреварот, избраниците на тренерот Крстески одиграа навистина добар меч, во кој знаеа што сакаат и што е позначајно, покажаа дека можат да одиграат на резултат во толку значајниот меч.

Оваа втора гостинска овосезонска победа е само на играчите и на Стручниот штаб-прва на третото второлигашко гостување во Радовиш, откако на двете претходни мрежите мируваа.

По голот во Каменица, денес со втор погодок во два меча по ред, водство за Победа донесе Теофан Кисески Илијоски во 38-та минута од мечот, со соло продор и пласиран удар од 15 метри, по одземена топка на средината од домашното поле.

Тоа беше резултат по првиот дел, а само што започна вториот дел домашните израмнија на 1-1. Ударот на Јанев го закачи Петар Петроски, го смени правецот, и заврши во самиот лев горен агол од голот на Даниел Котевски.

Но, само две минути подоцна по асистенција на Кисески-Илијоски и негов центаршут во домашниот казнен простор, на вистинското место на втора статива беше Дарко Гроздановски, кој ја доведе во водство Победа од 1-2.

Конечните 1-3 со својот сениорски деби гол, ги постави кадетот Беким Алимоски во 65-тата минута по асистенција на Грозданоски, а до крајот две убави прилики за уште поубедлива победа не искористи Симјановски.

Во следното 25 коло во петок на 30 април Победа ќе биде домаќин на Росоман.

Резултати 24 коло:Плачковица-Победа 1-3, Кит-Го-Саса 1-1, Кожуф-Тиквеш 0-2, Осогово-Брегалница 0-2 и Росоман-Слога 1-2.

Табела:Брегалница 64, Тиквеш 55, Кит-Го 42, Кожуф 35, Саса 32, Осогово 29, Слога 27, Победа 20, Плачковица 12 и Росоман 9 бодови.

Двојки за следното 25-то коло (петок 30 април) : Победа-Росоман, Саса-Плачковица, Тиквеш-Кит-Го, Слога-Осогово и Брегалница-Кожуф.








Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.