ООУ “Добре Јованоски” во “војна” со НВО “РОМА С.О.С”, еве им ги аргументите?!”

0

Сузана Дарковска, директор на ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп, на денешната прес коференција ги демантираше дезинформацииите во јавноста, дека во дисперзираните паралелки, кои што учат во објектот на поранешниот центар за цивилна и воена заштита во Прилеп, нема услови за настава.

Според Дарковска не се точни наводите на невладината организација РОМА С.О.С дека учениците од 3 и 4 одделение во училиштето „Добре Јованоски“ учат во простории, во кои нема технички и хигиенски услови за одржување настава.

„Сите наводи на НВО РОМА С.О.С. се целосно невистинити и ги демантирам. Според оценките на Државниот санитарен и просветен инспекторат, во овој објект има услови за непречена и безбедна настава на учениците. Точно дека минатата и годинава се случени два несреќни случаја со ученици, но тие не се поврзани со квалитетот на изградбата на објектот. Поради недостаток на училиштен простор организирана е настава за 174 ученици распоредени во 8 паралели, од кои 6 од трето одделение и 2 од четврто одделение во поранешното воено училиште ‘Лазо Филиоски –Лавски’, што се наоѓа на улица „Пиринска“ бр. 14 во Прилеп, на оддалеченост од околу 300 метри до основното училиште. Во овие простории се реализира настава повеќе од 15 години. Просторите што ги користи училиштето не се во наша сопственост, туку се отстапени на користење, за што е склучен договор со центарот за обука, за одбрана и заштита ‘Лазо Филипоски- Лафски’, истакна директорката Дарковска.

Во однос на наводите во Претставката за повредени ученици во оваа училишна зграда, од писмените изјави на наставничките каде што учат овие повредени деца, се констатирало дека повредите не се случиле, како што се тврди во изјавата НВО РОМА С.О.С. поради руинираност на училишна зграда, туку поради невнимание на учениците.

„Едниот ученик од 4 одделение, којшто има повреда на ногата, 1.5 час пред почетокот на наставата, наставничката го затекнала во училишниот двор со неговото куче. Наставничката го повикала ученикот да влезе во училиштето за да биде на сигурно место, додека почне наставата. Кучето останало надвор од училишниот објект, зашто не е дозволено да има кучиња во објектот каде што учат учениците. Ученикот како што тврди наставничката, излегол надвор од објектот, се качил на оградата висока 2 метра и во обид да види каде се наоѓа кучето, паднал од другата страна на оградата, при што удрил во шахта на улицата. Што значи инцидентот не се случил во училиштето и поради руинираност на објектот, туку затоа што ученикот, не ги следел препораките на наставничката и самоиницијативно излегол надвор од училишната зграда. Втората несреќа од мaј 2017 година, се случила за време на големиот училиштен одмор. Ученикот тогаш од 3-то, а сега во 4-то одделение, со трчање излегол од училишната зграда, при што се лизнал по скалите и паднал. Поради падот се здобил со одредени скршеници на рацете. Според тоа, ниту во овој случај, квалитетот на градбата и староста на објектот не се причина за несреќата“, истакнува Дарковска.

До Советот на родители, вели таа, нема доставено поплаки и незадоволства на родители и ученици што учат во дисперзираните паралелки, во однос на хигиенски и безбедносни услови за работа. Досега во зградата на подрачното училиште во 2017. во две училници се спуштени таваните. Училниците се варосани, а ѕидовите не се оштетени и не се ронат, а подовите се обложени со ламинат. Во ходникот е направен преграден ѕид, поставена водоводна инсталација, така што има чешма каде што учениците можат да ја одржуваат потребната хигиена. Вработен е хигиенчар со полно работно време. Санитарните јазли се реновирани во 2017., поставени се нови врати и плочки, а од 2018. во училишните тоалети има поставено и осветлување со сензори.

Државниот просветен инспекторат констатирал дека училиштето презело повеќе активности за подобрување на условите за работа, што се на задоволително ниво и не постојат опасности за учениците, односно просторот во зградата и дворот од училиштето се безбедни за учениците.

Извор: “Prilep.gov.mk”