ОК ВМРО ДПМНЕ тргнува во поход? Наскоро ќе бидат чести гости пред ОЈО Прилеп?

Не така одамна граѓаните и медиумската јавност беше опсипувана со сомнежи за сторени криминали од страна на претходната локална власт во општина Прилеп.

Тогашната опозиција, а сега власт во градот под Марковите Кули беше особено гласна за набавката на четиритие нови автобуси за потребите на јавниот градски превоз – односно БОЛИДИТЕ како што ги нарекуваа граѓаните, со оглед дека за секој од нив беше платена сума од 250.000 евра.

Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно потенцираше дека се сторени низа нерегуларности околу самиот тендер за набавка на автобусите, а особено сомнителна беше цената од речиси 1 милион евра. Покрај високата цена, од ОК ВМРО-ДПМНЕ се сомневаа за наместен тендер со единствен понудувач, а подоцна во повеќе наврати информираа и дека автобусите иако нови, се подложни на дефекти и често се носат на сервисирање.

-Дали тендерот еднаш бил поништен, а во повторениот тендер одново како единствен понудувач се јавува само истата фирма, која во првиот обид не доставила банкарска гаранција? – ќе речат во една прилика од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

-Зошто за вака голема сума не е распишан меѓународен тендер, на кој би се пријавиле и други компаниии кои би можеле да понудат поповолни услуги? Во игра ли се одредени лични бизнис интереси и договори во четири очи? – рече во друга прилика актуелниот претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Дејан Проданоски.

-Повторно ви порачуваме, бидете внимателни и домаќински трошете ги парите на граѓаните, за да не се случи овие четири болиди за крајна дестинација да водат до Шутка – потенцираа тогаш од општинскиот комитет на оваа партија.

Подоцна излегоа и информации дека за истиот модел на автобуси во Данска цената е 150.000 евра. Се велеше дека ќе следува одговорност и кривични пријави за тогашната директорка на претпријатието, дека ќе се чешла целата документација и слично.

Затоа денеска не е ни чудно тоа што граѓаните бараат одговори, реагираат на социјални мрежи, реагираат на партиски состаноци, зборуваат низ чаршијата. Ќе се повика ли сега на одговорност за потрошените 1 милион евра народни пари? Имало или немало криминал?

Според нашите пак неофицијални сознанија, тим од правни експерти и адвокати блиски до ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, во моментов работат на разгледување на целата постапка за набавка на четирите автобуси. Според информациите и чаршиските муабети, од Општинскиот Комитет наскоро ќе бидат чести гости пред портите на ОЈО Прилеп каде се очекува одново да повикаат на одговорност и да поднесат соодветни кривични пријави до осомничени за оваа набавка.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.