Ученици од Прилеп и Кривогаштани преку уметност, ракотворби и практични активности ќе покажат како отпадот може да добие нова вредност.
Во Паркот кај Судот во Прилеп на 16 септември ќе се одржи арт хепенингот „Од отпад до нова вредност – мојата зелена приказна“, настан посветен на креативноста, рециклирањето и подигнувањето на свеста за заштита на животната средина.
Настанот го организира Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп, во соработка со СОУ „Орде Чопела“ Прилеп, а ќе се одржи од 10:00 до 13:00 часот.
Во рамките на арт хепенингот ќе учествуваат ученици од ООУ „Блаже Конески“, ОУ „Климент Охридски“ и СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп, како и ученици од училиштето „Манчу Матак“ од Кривогаштани. На настанот се очекува присуство и на претставници од невладиниот сектор, родители, наставници, стручни предавачи и организацијата People in Need.
Посетителите ќе имаат можност да разгледаат штандови со ракотворби изработени од отпад, производи создадени во рамките на проектот, зеленчук од училишната градина, биокомпост и други содржини кои го претставуваат значењето на повторната употреба на материјалите и одржливото живеење.
Преку креативните изработки и практичните примери, учениците ќе покажат дека отпадот не мора да биде само нешто што се фрла, туку може да се претвори во корисен, убав и вреден производ. На тој начин, уметноста станува средство за промовирање на еколошките навики и одговорниот однос кон природата.
Арт хепенингот е проектна активност во рамките на проектот „Млади за зелена транзиција – од урбана градина до екопроизвод“, кој го спроведува People in Need, со поддршка од Европската Унија.
Организаторите упатуваат покана до граѓаните да го посетат настанот и да ги поддржат младите учесници, кои преку своите идеи и изработки испраќаат порака дека зелената иднина се гради со знаење, креативност и заедничко делување.
За медиумите се предвидени изјави во 09:45 часот од претседателот на ЗОКУМ, Филип Димкоски, координаторот на проектот Ѓорѓија Гагалески и претставник од People in Need, доколку биде присутен.
























