Младите инженери од Северна Македонија добиваат можност за професионален развој, практична обука и работа со домашни и швајцарски експерти преку проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Северна Македонија“ (REU MKD).
Проектот објави оглас за ангажирање млад инженер за поддршка на проектните активности, со фокус на намалување на загубите на вода и подобрување на енергетската ефикасност во системите за водоснабдување и отпадни води.
Ангажманот е предвиден во времетраење од 24 месеци, со обновување на договорот на секои шест месеци, а избраниот кандидат ќе биде распореден во едно од јавните комунални претпријатија во Берово, Битола, Кочани, Куманово, Радовиш, Струмица или Виница.
Кој може да аплицира?
Право на пријавување имаат кандидати до 30-годишна возраст кои се запишани на магистерски студии на технички факултет, студираат во завршна година или дипломирале во последните две години во областа на инженерството за животна средина, електротехниката, машинството, градежништвото или друга соодветна инженерска област.
Од кандидатите се очекуваат познавања за прибирање, обработка и анализа на податоци, подготовка на техничка документација и извештаи, како и добро познавање на компјутерските алатки Excel, Word и PowerPoint. Потребно е одлично познавање на македонскиот и познавање на англискиот јазик најмалку на ниво Б2.
Предност ќе имаат кандидатите со основни познавања од водоснабдувањето, системите за отпадни води, енергетската ефикасност и сродните инженерски области.
Практична работа и менторство од домашни и швајцарски експерти
Избраниот кандидат ќе соработува со проектните координатори, техничкиот персонал на комуналните претпријатија и домашни и меѓународни експерти. Работните активности ќе опфаќаат управување со загубите на вода, пресметка на воден биланс, енергетски прегледи, подготовка и спроведување технички мерки, прибирање податоци и учество во активности за подигање на јавната свест.
Покрај практичното искуство, ангажманот нуди обука на работното место, менторство од македонски и швајцарски експерти, учество на работилници и размена на искуства, како и можност за понатамошен професионален развој во секторите за вода и енергија.
Како да се пријавите?
Заинтересираните кандидати треба да достават ажурирано CV, мотивациско писмо со образложение за интересот и релевантните квалификации, како и копии од дипломи, сертификати или потврда за тековни студии.
Пријавите се испраќаат на електронската адреса [email protected], со задолжителен предмет на пораката: Application – Име Презиме – посакувана локација.
Рок за пријавување: 1 декември 2026 година, до 23:59 часот
На интервју ќе бидат повикани само кандидатите кои ќе влезат во потесниот избор.
Ова е можност за младите инженери да стекнат практични знаења, да работат на конкретни инфраструктурни предизвици и да придонесат кон поефикасно управување со водните и енергетските ресурси во нашите општини.
Вода, енергија, ефикасност! За нашиот град, за нашата иднина!
























