Битола го добива својот прв фестивал посветен на чалгијата. На 14 и 15 август, градот ќе пулсира во ритамот на традиционалната чалгиска музика, низ настанот „Битолски чалгиски денови“, кој е дел од програмата на Битолското културно лето – БИТ ФЕСТ, во организација на Културно-информативниот центар – Битола.
Фестивалот е замислен како своевидно враќање на чалгијата во просторот на градот – таму каде што со децении се создавале и пренесувале музичките приказни, традициите и духот на некогашна Битола. Преку богата дводневна програма, чалгијата ќе биде претставена не само како музика, туку и како дел од културното наследство и препознатливиот градски идентитет.
Првиот фестивалски ден, 14 август, започнува во 11:00 часот во Офицерскиот дом, со семинарот „Канон – Чалгиска музика“, под менторство на Филип Михајловски. Едукативната содржина ќе биде можност за запознавање со традицијата, структурата и спецификите на чалгиската музика.
Фестивалската атмосфера продолжува во 18:00 часот на Широк Сокак, со пајтонско дефиле, кое низ препознатливиот битолски амбиент ќе го најави големиот музички дел од програмата.
Вечерта, центарот на случувањата се сели во Старата Чаршија кај Монмартр, каде од 20:30 часот ќе настапат Чапче и Тајфата. Во 21:30 часот следува настапот на Филип Шурбевски Езгија Квартет, а во 22:30 часот вечерта продолжува со „Мерак чалгии“, Димитар Андоновски и Бојан Стојков.
На 15 август, чалгиската приказна продолжува во Старата Чаршија. Од 20:30 часот повторно ќе настапат Чапче и Тајфата, додека за 22:00 часот настапуваат Љубојна и Битолскиот Чалгиски Оркестар.
Со својата премиерна фестивалска програма, „Битолски чалгиски денови“ отвора нов простор за афирмација на чалгијата и нејзино приближување до новите генерации, истовремено потсетувајќи на богатото музичко наследство на Битола.
Два дена чалгија. Два дена традиција. Една Битола.
Првиот фестивал на чалгијата во градот е покана за битолчани и гостите на Битола да ја почувствуваат музиката на чаршијата, да ја доживеат традицијата на поинаков начин и заедно да бидат дел од создавањето на една нова фестивалска традиција.
„Битолски чалгиски денови“ – 14 и 15 август, во рамките на БИТ ФЕСТ, во организација на Културно – информативниот центар – Битола.

























