Нови правила за такси-превозот во Прилеп: 80 денари старт, секој нареден километар 35 денари

Такси-превозот во Прилеп добива нови правила, утврдени со измените и дополнувањата на постојната одлука за авто-такси превоз, кои беа усвоени на 21. седница на Советот на Општина Прилеп.

Со новата одлука се утврдуваат и цените за такси-превозот. Заштитната цена за превоз до еден километар ќе изнесува 80 денари, додека секој изминат километар ќе се наплаќа по 35 денари. За еден час чекање ќе се плаќаат 300 денари.

Покрај тарифите, со измените се предвидува и поорганизирано функционирање на такси-дејноста во градот.

На територијата на Прилеп ќе бидат определени 10 такси-станици со вкупен капацитет од 36 паркинг-места. Нивниот број и капацитет ќе може дополнително да се преиспитуваат и зголемуваат во зависност од потребите и бројот на лиценцирани возила.

Исто така, максималниот број лиценцирани такси-возила со кои ќе може да се врши превоз на територијата на општината ќе биде ограничен на 200.

Новина е и унифицираниот изглед на такси-возилата. Секое лиценцирано возило ќе треба да има ознака TAXI и налепница со логото на Општина Прилеп, со цел граѓаните полесно да ги препознаваат возилата што легално вршат такси-превоз. Трошоците за изработка и поставување на налепниците ќе ги покрие Општината, без дополнителни финансиски обврски за превозниците.

Од Општина Прилеп посочуваат дека измените се резултат на повеќемесечни разговори и консултации со такси-превозниците, при што биле разгледувани проблемите со кои се соочуваат и нивните предлози за подобро уредување на дејноста.

Основната одлука за авто-такси превоз во општината е донесена во 2008 година, а со новите измени се опфаќаат прашања што досега немале соодветно решение.

Одлуката беше усвоена со 17 гласа „ЗА“, а нејзината примена ќе започне од 1 јануари 2027 година. До тогаш, такси-превозниците ќе имаат време да се информираат и да се приспособат на новите услови.

Со новите правила се предвидува појасно регулирање на такси-превозот во Прилеп, со утврдени тарифи, определени такси-станици и единствени критериуми за лиценцираните превозници.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.