Прилеп добива своја нова музичка приказна. Познатото музичко дуо Александар & Дац, заедно со прилепската естрадна легенда Блага Петреска, денеска ќе престојуваат во градот под Марковите Кули, каде ќе се снима видео запис за најновата серенада посветена токму на Прилеп.
Станува збор за емотивен проект „со мирис на тутун и топлина од прилепчани“, создаден со многу љубов и инспирација од градот и неговите луѓе. Во песната, како што најавуваат авторите, ќе се долови духот на Прилеп – тивок, но силен, автентичен и длабоко вкоренет во традицијата.
Снимањето ќе се одвива на повеќе локации низ градот, а централниот настан е закажан околу пладне во Стара чаршија Прилеп, каде граѓаните ќе имаат можност да се сретнат со уметниците, да разменат насмевки и да бидат дел од атмосферата која ќе се пренесе и во самиот спот.
Поддршка на проектот дава и Витаминка, кои ја препознаа идејата и застанаа зад оваа музичка приказна посветена на Прилеп.
























