Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска присуствуваше на објавата на влегувањето на нови спонзори во ракометниот клуб „Еурофарм Пелистер“. Станува збор за групацијата на „Пелистерка“, „ЗК Пелагонија“ и „Здравје Радово“.
Претседателот на клубот Зоран Стерјeв кажа дека во изминатиот период многу интензивно работеа на продолжување на ракометната платформа заедно со општината, на привлекување дополнителни спонзори кои што ќе го зајакнат капацитетот на клубот.
„Ќе помогнат во наредниот период клубот да остане на нивото на кое што е и овие изминати години, активно да се бориме за највисоките дострели, во националното првенство за освојување на шампионатот на нашата држава и се разбира националниот куп, а на меѓународен план колку е можно да стигнеме подалеку во некои од европските натпреварувања“ рече Стерјeв.
Истакна дека чест и задоволство е што денеска се официјализира влегувањето во клубот на еден голем спонзор, а тоа е групацијата на „ЗК Пелагонија“, „Пелистерка“ и „Здравје Радово“.
Стерјев искажа голема благодарност до сопственикот на групацијата Цветан Панделевски и неговиот тим за како што рече, разбирањето кое што го имаат кон клубот, желбата да се помогне и идејата заедно да се направи повеќе.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече дека успешната приказна на „Еурофарм Пелистер“ и Општина Битола преку платформата со ова нова додадена вредност која ја имаме сега со спонзорството, продолжува и понатаму за што сме горди со овој клуб.
„Вие сте брендот кој го осветли образот и на општината и на градот и на државата во изминатиов период. Со ова денеска објавување, официјализирање на овој партнерски однос, ова спонзорство, значи многу, значи една стабилност која ќе ја зајакне спортската платформа меѓу Општина Битола и „Еурофарм„ и нов поттик за вас секако како спортисти, за градот уште посилно и во едни стабилни услови да продолжиме понатаму да го градиме името на Пелистер“ рече градоначалникот Коњановски.
Договорот во име на групацијата го потпиша сопственикот Цветан Панделевски кој кажа дека му е чест што ја доби можноста финансиски да помогне на овој успешен клуб да продолжи со успехот кој досега го имаше.
„Со тој успех клубот го претставуваше градот Битола и Македонија надвор од границите. Како општествено одговорна фирма која има три компании во Македонија, особено во Битола „Пелистерка“, „Здравје“ и „ЗК Пелагонија“, сакаме да помогнеме овој клуб да го задржи нивото и да има уште подобри успеси, а со тоа преку клубот да може да не претставуваат и нас како производители, стопанственици на квалитетни и врвни производи“, рече Панделевски.
По потпишувањето на договорот, Панделевски од страна на клубот доби дрес со неговотото презиме и бројот 27, кој всушност е денот на неговиот роденден.


























