Компанијата „Гересхајмер“ е значаен инвеститор во Македонија, а нејзиното досегашно инвестициско вложување достигнува околу 120 милиони евра. Нови производни капацитети и проширување на бизнисот се дел од најавите за натамошен развој и отворање нови работни места.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој преку објава на социјалните мрежи ја нагласи важноста на странските инвестиции за економскиот развој на државата.
Според Николоски, заложбата на актуелната Влада од самиот почеток е воспоставување стабилна и посилна економија, привлекување нови странски инвестиции, отворање високоплатени работни места, но и поттикнување на домашното производство.
Тој посочува дека инвестициите како онаа на „Гересхајмер“ се значаен придонес кон остварувањето на овие цели.
„Продолжуваме со уште посилно темпо за развој на Македонија!“, порача Николоски.
























