Крушево на 21 јуни повторно ќе биде центар на планинскиот велосипедизам во Македонија, откако по втор пат ќе се одржи спортската манифестација „Krushevo MTB Challenge“, која ги обединува љубителите на велосипедизмот, природата и активниот туризам.
Настанот ќе започне во 10:00 часот кај Ски центарот Станич, а учесниците ќе имаат можност да изберат помеѓу две предизвикувачки патеки – Мал маратон во должина од 23 километри и Голем маратон од 69 километри.
Планинските патеки околу Крушево, природните убавини и специфичниот терен претставуваат вистински предизвик за велосипедистите, но и можност за уживање во еден од најатрактивните предели во државата.
Градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, упати покана до сите спортисти, рекреативци и љубители на активниот туризам да бидат дел од настанот и да го почувствуваат уникатниот дух на градот.
„Крушево нуди одлични услови за спорт и рекреација, а преку вакви настани дополнително го афирмираме градот како препознатлива дестинација за спортски и авантуристички туризам. Очекуваме голем број учесници од целата држава и пошироко“, истакна Чонески.
Организаторите најавуваат уште едно успешно издание на маратонот, кое покрај спортскиот натпреварувачки дух ќе понуди дружење, рекреација и промоција на природните богатства на Крушево.
Крушево и ова лето ќе биде место каде спортот, природата и предизвикот се спојуваат во едно незаборавно искуство за сите учесници.
























