Денес во Градскиот парк во Битола, се одржа „Есенски крос”, масовен спортско-рекреативен настан на кој учествуваа ученици од основните и средните училишта од Битола.
На кросот учествуваа околу 500 ученици, кои преку заедничката спортска активност имаа можност да се натпреваруваат, да се дружат и да ја промовираат физичката активност и здравиот начин на живот.
„Есенскиот крос” беше реализиран во рамките на Европската недела на спортот 2026, иницијатива на Европската комисија чија цел е да ја поттикне физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај граѓаните од сите возрасти.
Масовното учество на учениците придонесе настанот да има силна локална димензија и да испрати јасна порака за значењето на редовната физичка активност уште од најмала возраст.
Преку ваквите активности се создаваат можности за активно вклучување на младите во спортот и рекреацијата, како и за градење позитивни навики и здрав животен стил.



































