Македонското “Сен Тропе”: Раскошната Трпејца е љубов на прв поглед која трае засекогаш (Фото галерија)

Трпејца или македонското Сен Тропе како што многумина го нарекуваат е вистински рај на Охридското Езеро.

За викендите и празниците Охрид и околината се преполни со наши и странски туристи, а Трпејца е местото кое никој не треба да го пропушти.

Доколку викендов и вие сте помеѓу сите оние кои ќе уживаат во убавините на Охридското Езеро, не се двоумете со време да си фатите место, затоа што во Трпејца уште од раните утрински часови е полно.

За тие што не знаат, Трпејца е село во општината Охрид, 17 км јужно од градот Охрид. Селото е сместено во подножјето на планината Галичица, во една природна вдлабнатина меѓу карпите на источниот брег од Охридското езеро, на надморска височина од 695 – 750 метри. Покрај селото минува патот Охрид – Св. Наум.

Трпејца е стара повеќе од десет века, мало село со голем дух, меѓу Охридско Езеро и Галичица, со бисерни брегови и бистра стаклена проѕирна вода.

Има повеке легенди кои говорат за Трпејца. Една од легендите, вели дека името Трпејца доаѓа од зборот “трпеза”, зашто некогаш аџиите на пат за манастирот “Свети Наум” застанувале во селото и во чест на многуте монаси што живееле аскетски живот поставувале трпеза.

Друга пак, пренесувана од колено на колено, зборува дека порано во селото се живеело толку сиромашно, што луѓето трпеле за леб и по неколку недели. Токму по тоа трпење било крстено селото и селаните – легенда која најчесто ја кажуваат Трпејчанци. Порано трпејчани живееле само од риболов, но често се случувало со денови да не уловат ни кош риби. Трпејчани преживувале и од трговија. Купувале сол од Подградец и продавале во Охрид, а и од земјоделство. И покрај големата сиромаштија, трпејчани останале во своето село. Денес, Трпејца има стотина куќи и околу 300 жители.

Трпејца веќе еден век ги пречекува и испраќа вљубениците во утринските далги, гостољубива и тивка, полна со езерска магија.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.