Со доделувањето на наградите Камера 300 во сите селекции вечерва свечено ќе биде затворено 47. ИФФК „Браќа Манаки“, а дебитантското остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ ќе ја има својата македонска премиера на затворањето на фестивалот вечерва во Битола.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени.
Сместен во корумпиран режим каде што се појавува компромитирачко видео за автократ, филмот следи двајца новинари во движење – бркани од сенките и од времето. Приказната се одвива без ред, при што времето се искривува повеќе од притисок отколку од стил -каде што вистината е морално двосмислена, а правдата е главно прашање на тајминг. Во свет, во кој, секој има тајни за криење, поседувањето на туѓата тајна претставува нова валута, со која, може да се тргува и обезбеди нечија пропаст. Меѓутоа, во играта со оган, ретко кој останува неизгорен.
Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.
Директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Mартин Иванов, композитор и автор на музиката е Игор Василев Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимограф Лидија Георгиева, дизајнер на филмска шминка Снежана Ангеловска Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.

























