Кисела Вода доби нова сала, Прилеп нови плочки за рехабилитација на Старата чаршија (ФОТО)

По децении запоставеност, култната спортска сала „Расадник“ во општина Кисела Вода, одново ги отвори вратите како нов дом на спортот, младите таленти и идните шампиони на Македонија.

Министерот за спорт, Борко Ристовски заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вчера официјално ја пушти во употреба комплетно реконструираната сала „Расадник“, една од капиталните инвестиции на Министерството за спорт во спортската инфраструктура. На свеченото отворање на салата присуствуваа и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и градначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, активни и поранешни спортисти, спортски работници и љубители на спортот.

“Расадник” беше едно од поголемите ветувања на актуелниот градоначалник на Скопје, додека ја вршеше функцијата прв човек на општина Кисела Вода, и на радост на сите салата повторно го врати некогашниот сјај.

На сето ова љубоморно гледаат прилепчани, кои се’ уште го чекаат денот кога храмот на спортот во Прилеп – Универзалната сала, ќе биде ставена во употреба.

Од ветувањето на министерот за спорт на почетокот од мандатот, дека Универзална ќе биде отворена за неколку месеци, поминаа цели две години.

Па наместо спортска сала, како позитивна вест ќе ја издвоиме промената на оштетени плочки во Старата чаршија, нешто за што на социјалните мрежи истовремено додека се отвараше “Расадник”, информираше прилепскиот градоначалник.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.