Историска фотографија: Денот кога згаснала жедтта на прилепчани

Интересно време кога од процут, социјализмот минуваше кон залез. Сепак, имаше повеќе задоволни луѓе и насмевки на лицата. Со големо внимание се славеше низ социјалистичка боја и димензија. Се величеше Тито.

Така мина приредбата пред ЦК “Марко Цепенков”, кога гордо преку песна, оро и свирка, се прослави крајот на градбата на регионалниот водовод Студенчица околу 80-тите години. Им дојде крајот на маките на прилепчани со водоснабдување. Граѓаните одвојуваа осум години за вода од Студенчица.

Солидарно, како што тогаш беше обичај. Работите се истуркаа и огромниот водоснабдителен објект, цевковод, долг околу 70 километри ја згасна жедта и ги освежи испуканите усни.

Се дадоа околу сто милиони евра, се ставија чешми дома во стотина села по цевководот. Капитален објект, на кој, оттогаш, малку се вложува во одржување.

Некои имаат кусо помнење и забораваат. Мислат да скршнат од Студенчица, односно едни да се долеваат и да ги ладаат нозете без пари, оти изворот им бил до грбот, а други да се дозираат како камили, со лажичка.

Можеби мина времето кога политичарите ја матеа бистрата Студенчица. Конечно, тоа е извор ко го напојува Прилеп многу години, додека, не дај Боже, природата не го сврти грбот. Студенчица е природен извор со пивка, ладна вода, ретко “слатка” во Македонија.

Извор: “Неделник Зенит”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.