Изложбата која ја виде цел Балкан од денеска отворена и во Прилеп (Фото)

Денеска (26.05.2021). во Ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, отворена е изложбата на фотографии „ДИЕГО И ФРИДА, НАСМЕВКА НА ПОЛОВИНА ПАТ“, која публиката ќе може да ја проследи до 10 јуни 2021.

Изложбата која ја виде цел Балкан, првпат е во земјава благодарение на соработката на ЦК „Марко Цепенков“ со Амбасадата на Мексико во Белград.

Екслузивната изложба опфаќа 96 црно бели фотографии и артефакти преку кои се прикажува универзумот на Диего Ривера и Фрида Кало, уметници, кои се еден од најконтроверзните парови во нивната љубов, а чие влијание ги надминало светските граници. Изложбата ги открива не само взаемната страст на парот Ривера и Кало, туку и нивното заедничко ангажирање во општеството и во политичките збиднувања во тоа време во кое живееа, кои ги овековечиле фотографите Питер Џулс, Гилјермо Самора, Николас Мареј, Едвард Вестон, Мануел Алварес Брава, Гилјермо Кала и Хуан Гусман.

Фотографите ги овековечиле различните етапи од животот на парот, од љубовта и смртта, од нивното венчавање во 1929 година до 1954 г. и смртта на Кало и се отсликува бесконечното согласување и несогласување во првата половина на 20 век во Мексико. Изложбата е исклучителна можност да се запознае преку фотографии волшебната реалност на парoт.
Диего Ривера е еден од најзначајните уметници, претставници на мексиканскиот мурализам, а Фрида Кало е позната како творец на автобиографски слики под влијание на народната мексичка и староседелска уметност.






Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.