Нов, современ и попријатен изглед добија влезот и чекалната во ЈЗУ Центар за јавно здравје – Прилеп, по целосно реализираната адаптација на просторот.
Со реновирањето е создаден потопол и поудобен амбиент за граѓаните и пациентите кои секојдневно ги користат здравствените услуги на оваа јавна здравствена установа.
Она што особено го заслужува вниманието е фактот што реализацијата на проектот е овозможена благодарение на донацијата од КДС-Кабелнет и АМД Прилепец – Прилеп, кои уште еднаш покажаа дека општествената одговорност и поддршката на локалната заедница можат да направат конкретна разлика.
Нивната донација не значи само уредување на еден простор, туку придонес кон создавање подобри услови за граѓаните и пациентите кои доаѓаат во Центарот за јавно здравје.
Од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Прилеп упатуваат искрена благодарност до двете компании за нивната хуманост, општествена одговорност и препознавањето на потребите на јавното здравство.
Ваквите примери се потсетник дека кога компаниите и институциите заеднички вложуваат во средината во која живееме, придобивката ја чувствува целата заедница.
Од Центарот за јавно здравје најавуваат дека продолжуваат со активности насочени кон унапредување на условите и квалитетот на услугите за сите граѓани.



























