Дизелот од полноќ после подолго време поевтин од бензините

Новата одлука на Регулаторната комисија повторно го менува односот меѓу цените на бензинот и дизелот – ЕУРОСУПЕР БС-95 од полноќ ќе чини 100,50 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ 99 денари за литар. Ако се споредува БС-95 со дизелот, бензинот повторно станува поскап, што со години беше вообичаена состојба на пумпите, пред енергетската криза и силните осцилации на дизелот.

Од почетокот на годинава и двата деривати бележат огромен раст. На 30 декември 2025 година, цените со кои практично влеговме во 2026 година беа 70,50 денари за БС-95 и 65 денари за дизел. Со новите цени, бензинот е поскап за 30 денари или околу 42,6 проценти, додека дизелот, и покрај денешното намалување, е повисок за 34 денари или околу 52,3 проценти.

Најсилниот пресврт се случи во март. На почетокот на тој месец БС-95 чинеше 74,50, а дизелот 71 денар, но само една недела подоцна дизелот скокна на 85,50 денари, додека бензинот достигна 79,50. Во април разликата дополнително се прошири и во еден период дизелот се продаваше по 98 денари, а БС-95 по 83,50 денари.

Во јуни цените повторно се приближија, а дизелот кратко падна и под бензинот. Последен пат пред денешната одлука ЕУРОСУПЕР БС-95 бил поскап од дизелот во периодот од 7 до 13 јули, кога бензинот чинел 85,50 денари, а дизелот 82,50 денари за литар. Од 14 јули дизелот повторно го презеде приматот и во поголемиот дел од летото беше поскап.

Кон крајот на август дизелот достигна 101,50 денари за литар, додека БС-95 беше 93 денари. Минатата недела разликата повторно изнесуваше четири денари во корист на бензинот – БС-95 чинеше 97, а дизелот 101 денар.

Денешниот пресврт, сепак, не е последица на поевтинување на дизелот на светските пазари. Референтната берзанска цена на дизелот во новата пресметка на РКЕ е повисока за 6,67 проценти, но Владата го намали ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 проценти и ја продолжи намалената акциза, па наместо очекувано поскапување, дизелот поевтинува на 99 денари.

Без даночната интервенција, според владините пресметки, дизелот би се движел околу 106 денари за литар и повторно би бил значително поскап од бензинот. Така, бензинот сега формално е поскап од дизелот за 1,50 денари, но тоа е резултат пред сè на привремената државна мерка, а не на пресврт на светските пазари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.