Иницијатива за унапредување на мрежата на итна медицинска помош и воспоставување подрачна служба, пункт или друг соодветен модел за брзо медицинско реагирање во Општина Кривогаштани е доставена до Министерството за здравство.
Како што информира градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, потребата од ваква служба произлегува од оддалеченоста на општината од постојните центри за итна медицинска помош, што може да влијае врз времето на пристигнување на медицинските екипи, особено до руралните и потешко пристапните населени места.
„Во итни и животозагрозувачки состојби, секоја минута може да биде пресудна“, посочува Каравилоски.
Според иницијативата, поволната географска положба на Кривогаштани овозможува евентуалната служба да опслужува и повеќе населени места од соседните општини Крушево и Долнени, каде што од оваа локација би можело да се интервенира во пократок временски период.
Од Министерството за здравство се бара да ја разгледа можноста за обезбедување медицински тим, интервентно возило, како и неопходната медицинска и комуникациска опрема, во координација со надлежните здравствени установи.
Од Општина Кривогаштани, пак, изразуваат подготвеност да обезбедат соодветен простор, логистичка поддршка и целосна соработка за реализација на иницијативата.
„Нашите граѓани заслужуваат навремена и ефикасна итна медицинска помош“, порачува градоначалникот Каравилоски.
























