Градоначалникот на Битола присуствуваше на првиот Национален форум “Општини за здравје”

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска учествуваше на првиот национален форум „Општини за здравје“ и беше дел од панел дискусијата чија цел е поттикнување локални активности за унапредување на здравјето и превенцијата. На форумот свои обраќања имаа и министерот за здравство Сашо Клековски, како и Аким Али, претставник на Светска здравствена организација во Македонија.

Форумот ги обедини институциите, општините и здравствените партнери околу заедничката цел – создавање поздрави заедници преку партнерства и конкретни локални активности.

Клучната порака е дека здравјето не се создава само во здравствениот систем. Тоа се обликува и преку условите во кои живееме, учиме, работиме и се движиме.

„За нас, превенцијата не е само здравствено прашање, туку и прашање на квалитетот на животот и иднината на нашата општина. Токму затоа, еден од важните чекори што ги презедовме е формирањето на Советот за јавно здравје на Општина Битола. Нашата цел е Советот да биде функционален механизам за препознавање на здравствените потреби, утврдување приоритети и координирање конкретни превентивни активности. Особено важна е соработката со Центарот за јавно здравје Битола, здравствените установи, училиштата, граѓанските организации и другите локални партнери. Но, здравјето не се унапредува само преку едукативни кампањи. Подеднакво важни се и условите во кои нашите граѓани живеат и го поминуваат секојдневието. Затоа, инфраструктурните вложувања ги гледаме и како вложувања во превенцијата.Во Битола се реализираат проекти за изградба и реконструкција на 24 училишни спортски терени и четири спортски сали. Со ова создаваме подобри услови за спорт, физичка активност и здрави животни навики кај децата и младите“, истакна меѓу другото градоначалникот Коњановски.

Градоначалникот кажа дека намерата на Општина Битола е Советот за јавно здравје да работи врз основа на годишна програма, со јасни приоритети, конкретни активности, одговорни институции и мерливи резултати.

Особено важна е редовната соработка со Центарот за јавно здравје Битола, за локалните активности да се темелат на реалните здравствени потреби на населението.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.