Љутков: “Го спасивме театарот во Прилеп пред целосно да се распадне”

Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на “4ТВ”, министерот за култура Љутков зборуваше и за состојбата со театарот “Војдан Чернодрински” во Прилеп.

“После немилиот настан во Кочани и извршените инспекции се констатираа дотраени згради и објекти. Дел од објектите кои што не се во можност веќе да продолжат да функционираат, таков е случајот со театарот во Прилеп, кој што веќе не можеше да продолжи да функционира, бидејќи со години наназад никој не се грижел за установата. Презедовме чекори за изработка на идејно решение – проектна документација. А веќе сме и при крај, мислам дека некаде до крајот на јули месец ќе го имаме проектното решение за реконструкција на народниот театар “Војдан Чернодрински”, и после ребалансот на буџетот, планираме да започнеме со реализација на тој проект”, рече Љутков.

Инаку, театарските игри “Војдан Чернодрински” во Прилеп, годинава бележат значаен јубилеј – 60 години постоење, и навистина е иронија, најтеатарскиот град во државата со најстар театарски фестивал, да дочекува бројни делегации, а притоа да нема театар.

Ветувањето за реконструкција на прилепскиот театар е новина која произлезе годинава, претходните ветувања беа дека ќе се изгради целосно нов театар во склоп на Центарот за култура “Марко Цепенков”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.