На 23 април 2026 (четврток) од 19:00 часот, на камерната сцена во ЦК „Марко Цепенков“ ќе се реализира концертот „Stefanijazz Project“, што е дел од годишната програма на НУЦК „Марко Цепенков“, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Податоци за концертот:
Концертот носи љубов кон музиката, искреност и стил кој спојува повеќе жанрови. Предвидена е изведба на најистакнатите авторски композиции на Стефанија, преработени во современа џез фузија, џез-рок и босанова аранжмани, како и изведба на неколку џез стандарди – звук што го спојува класичното и модерното, нежното и енергичното.
Учесници:
• Стефанија Милевска Враниќ – вокал
• Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали
• Владимир Враниќ – гитара
• Владимир Николиќ / Dadoni – труба
• Ристо Крстевски – клавијатура
• Зоки Паркет – контрабас и бас
• Павел Талевски – тапани
Програма:
ЕДНО МОМЕ
БЕЗНАДЕЖЕН
THE MOMENT IS NOW
ПО ПАТОТ НА СВЕТЛИНАТА
AT LAST
БЕГАШ
ДА РАШИРАМ КРИЛЈА
SUMMERTIME
ПОСЛЕ ДОЖДОТ ДОАЃА СОНЦЕ
НЕШТО
HEY YOU LISTEN
МАЛКУ ЉУБОВ
НЕМА ДА МОЛЧАМ
Stefanijazz Project претставува уникатен музички израз што ја спојува авторската чувствителност на Стефанија со богатството на џезот. Концертната програма вклучува оригинален спој на неколку музички правци од нејзините најистакнати композиции, преточени во џез фузија, џез-рок и босанова аранжмани, како и нови интерпретации на класични џез стандарди.
Со современ, но топол пристап, проектот се стреми да го доближи џезот до пошироката публика, а особено до младите слушатели, негувајќи културна едукација, автентичност и жанровска отвореност. Со префинет баланс помеѓу нежност и енергија, Stefanijazz Project нуди доживување кое допира и инспирира. Овој концерт е замислен како интимно музичко патување кое нуди нов пристап кон сценската џез-изведба.
Програмата промовира домашна авторска музика со уметничка и културно-едукативна вредност, активно охрабрувајќи го развојот на домашната џез сцена. Stefanijazz Project претставува платформа за музичари, жанровска креативност и современа култура.
Како една од првите дипломирани џез пејачки во Македонија, Стефанија го одбележува својот музички пат преку истражување на границите на џезот и неговата способност да се интегрира со различни жанрови. Нејзиното долгогодишно сценско искуство од околу 20 години како музички изведувач, солистичките концерти, мјузиклите и перформансите низ Македонија, Србија, Бугарија и Босна, како и континуираното создавање авторска музика со карактеристични сценски изведби и два музички албуми, се заокружени во концертната форма Stefanijazz Project.

























