Во тек е изградба на нови спортски терени во две битолски основни училишта (ФОТО)

Во Битола продолжуваат активностите за подобрување на спортската инфраструктура во основните училишта. Градоначалникот Тони Коњановски денеска изврши увид во градежните работи на спортските терени во основните училишта „Гоце Делчев“ и „Даме Груев“, каде проектите се реализираат со забрзана динамика.

Во ОУ „Гоце Делчев“ во тек е асфалтирање на површина од 2.700 квадратни метри, по што ќе следува поставување на современа тартан подлога на двата спортски терени.

Проектот предвидува изградба на две повеќенаменски игралишта – едното наменето за мал фудбал и ракомет, а другото за кошарка. Покрај спортските терени, ќе бидат поставени и ограда, современо осветлување, спортски реквизити и урбана опрема, со што учениците ќе добијат безбедни и современи услови за спорт и рекреација.

Вредноста на инвестицијата изнесува 14.280.422 денари.

Градоначалникот Коњановски изврши увид и во работите во ОУ „Даме Груев“, каде асфалтирањето е веќе завршено, а во наредниот период ќе продолжат активностите за комплетно уредување на спортските терени и просторот околу нив.

Со реализацијата на овие проекти, Општина Битола продолжува да инвестира во подобрување на условите за образование, спорт и здрав развој на младите, создавајќи современи и функционални училишни спортски комплекси.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.