Во среда стартува проектот “Градски воз” во Скопје

Од среда, 2 септември, официјално започнува да функционира проектот „Градски воз“, со кој треба да се овозможи побрз, поефикасен и подостапен јавен превоз за жителите на Скопје и приградските населени места.

Првата од предвидените три линии ќе сообраќа на релација Зелениково – Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче – Нова железничка станица Скопје.

Сообраќајот ќе се реализира со три возови според утврден ред на возење од страна на МЖ Транспорт. За потребите на проектот, ЈП МЖ Инфраструктура изврши целосна реконструкција на пругата на оваа релација, со цел да се подигнат нивото на безбедност и капацитетот на брзина.

Официјалната промоција на проектот е закажана за в среда, 2 септември, во 11 часот. На настанот се очекува да присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски, директорот на МЖ Транспорт Дејан Кошутиќ, како и градоначалниците на Скопје, Зелениково, Кисела Вода и Аеродром.

Предвидено е присутните симболично да го означат стартот на проектот со патување со воз од железничката станица во Зелениково до Новата железничка станица Скопје.

Од Министерството за транспорт посочуваат дека „Градски воз“ има за цел периферните делови на Скопје и приградските населени места подобро да се поврзат со централното градско подрачје, што треба да значи пократко и поевтино патување, помалку чекање и побрз јавен транспорт.

Проектот предвидува интеграција со сообраќајниот ред на ЈСП, со што, според најавите, граѓаните, студентите и учениците ќе добијат поефикасен и интегриран систем на јавен превоз.

Во тек се и активностите за проектирање на втората и третата линија. Втората е предвидено да се протега од Новата железничка станица преку Бутел и Скопје-Север до Ѓорче Петров, додека третата линија би сообраќала од Новата железничка станица преку Автокоманда и Маџари до Илинден.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.