Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска на прес конференција заедно со одговорните за образование, информираше за стартот на новата учебна година во основните и средните училишта во Општина Битола.
Во продолжение интегрално го објавуваме неговото обраќање.
„Со оваа прес конференција сакам да информирам за подготвеноста на основните и средните училишта за утрешниот почетокот на новата учебна година и за вложувањата и активности кои и во текот на распустот се реализираа.
Учениците одмараа, а ние работевме. Над 310 милиони денари се инвестициите во училишната спортска инфраструктура, средства од Владата и од буџетот на Општина Битола.
Ова е една од најголемите инвестиции во последните неколку децении. Дури 24 спортски терени добиваат основните училишта во Општина Битола. Во двата објекти на ОУ „Гоце Делчев“ интензивно се работеше и се работи на изградбата на спортски терени, потоа во ОУ „Даме Груев“, а ќе се работи и во ОУ „Тодор Ангелевски“.
Потоа новите спортски игралишта кои општината со средства од својот буџет ги прави во ОУ „Ѓорги Сугарев“. Се случи и реконструкција на спортските игралишта во ОУ „Св. Климент Охридски“ кои се во завршна фаза, тука е и подрачното училиште во населбата Горно Оризари, како и во ОУ „Коле Канински“.
Во изградба се три типски училишни спортски сали и тоа во основните училишта „Стив Наумов“, „Даме Груев“ подрачното училиште во Долно Оризари и „Тодор Ангелевски“, како и училишната спортска сала во Бистрица.
Помали или поголеми реконструктивни зафати се изведуваа во објектите на основните и средните училишта се со цел утре учениците да бидат пречекани и да имаат успешен старт на новата школска година.
Вредно е да се спомене и реконструкцијата која е во тек на објектот во населбата „Буковски ливади“, а кој ќе биде подрачно училиште на ООУ „Коле Канински“. Според проектот на приземје и кат предвидени се 5 училници, заеднички простории, санитарни јазли, помошни простории и наставничка канцеларија, библиотека, медиотека.
Во тек е постапка за поставување на фотоволтаици на една од зградите на ОУ „Гоце Делчев“, т.н. Турско училиште. Во завршна фаза е поставувањето на фотоволтаици во ОУ „Климент Охридски“, а се подготвува и постапка за поставување на фотоволтаици во ОУ „Даме Груев“.
Тече постапката и за поставување на енергетски ефикасна фасада во објектот на училиштето во населбата Буковски Ливади, каде што кон крајот на минатата година беа поставени топлински пумпи.
Топлински пумпи се поставуваат и во ОУ „Стив Наумов“ кое веќе има енергетски ефикасна фасада, дограма, покрив и поставени фотоволтаици. Се очекуваа оваа грејна сезона учениците да имаат квалитетно греење во училиштето, а во иднина и во спортската сала. На овој начин се обезбедува и поздрава животна средина за учениците, бидејќи ќе се напушти основното греење со екстра лесно масло.
Како наближуваше први септември, така темата за образованието добива на актуелност во делот на бројот на ученици, за што сме сведоци дека демографската слика изминативе децении е променета, односно намалување на наталитетот, а со тоа и помалку ученици. И тоа е процес кој трае повеќе години, не е нешто што е од вчера, но со новите политики на оваа влада и ние како општина работиме на создавање подобри услови за младите на сите полиња, со цел да го спречиме, односно намалиме бројот на иселувања и враќање на оние кои заминале од родната земја.
Резултатите од тоа нема да ги имаме за многу скоро, тоа е процес за кој е потребно време, но силно веруваме дека ќе успееме. Општина Битола и оваа година за секое прваче доделува парична помош од 3000 денари.
Што се однесува на првачињата во Општина Битола според податоците од училиштата, таа бројка во моментов е 666 првооделенци. Претходната учебна година беа запишани 661 ученик во прво одделение.
Ова значи дека годинава за среќа имаме повеќе првачиња споредбено со лани. Инаку вкупниот број на ученици во основните училишта во општината е 6903 ученици. Се оптимизираат 13 паралелки во 8 основни училишта во 1-во и 6-то одделение по насока на министерството за образование и наука и се ставаат во мирување 3 подрачни училишта и тоа во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во село Породин и село Канино и во ООУ „Трифун Пановски“ во село Дихово. Оваа учебна година во 5 подрачни училишта нема запишано првачиња.
Со направената оптимизација, нема наставници кои би биле ангажирани како образовни асистенти, односно сите остануваат во нашите основни училишта и сакам да уверам дека кај вработените нема простор за грижа за нивните работни места.
За оние учениците кои учеа во училиштата кои ги ставаме во мирување, обезбедено е продолжување на школувањето во најблиското училиште, а исто така и превозот до училиштето и назад до домот, а тоа секако со согласност на родителите/старателите.
Што се однесува до средното образование за учебната 2026/2027 година вкупно во прва година се запишани 698 ученици. Во претходната учебна година бројот на ученици во прва година беше 709. Тоа значи помалку за 11 ученици.
Во средните училишта во учебната 2025/2026 година имало 2912 ученици, а новата учебна 2026/2027 година се 2914. Утре на првиот училишен ден ќе посетам 3 училишта, а в петок на 4 септември Ве поканувам во градскиот парк во Битола каде како и ланската година ќе се одржи „Училишна приказна“, ден кога се слават првите училишни чекори, новите пријателства и големата желба за знаење“, рече градоначалникот Коњановски.
























