Во Прилеп отворена изложбата “Дома” од прилепските уметници Александра и Илија Ацески (ФОТО)

Во преполната Ликовна галерија од ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп, во петокот вечерта беше отворена изложбата на фотографии и дигитални дела “Дома” од прилепските уметници Александра Ацеска и Илија Ацески.

Изложбата ја отвори Филип Димкоски, кој посочи дека станува збор за поставка на фотографии и фотоманипулации, кои носат спој на две различни уметнички перцепции.

“Илија Ацески е конкретен, прецизен и рационален. Ја застапува аристотеловата теорија дека објектот постои само во онаква форма каква што ја гледа набљудувачот. Спротивно на таа прагматичност, за Александра Ацеска, водата не е само вода, ниту пак планината е само планина. Таа во водата ја бара длабочината, а по планинските височини трага до врвот на мудроста. Овде имаме спротивставеност на машката и женската енергија, на визијата на таткото и визијата на ќерката, на мудроста на искуството и на полетноста на младоста, на цврстината на коренот и на силата на крилјата…Слободата со која се создавани делата, им дава слобода и на посетителите делата индивидуално да ги толкуваат и да извлечат свои пораки, поенти и заклучоци, но упатува на тоа дека домот не е конкретен простор, туку специфична состојба на духот. Добредојдовте дома” – рече Димкоски на отворањето на изложбата.

Академската уметница Александра Ацеска живее и работи во Кина, има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, а Илија Ацески долги години се занимава со фотографија.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.