Актерите од прилепскиот театар наградени со аплаузи и овации: Одлична изведба на претставата “Аудиција” на фестивалот во Чортановци кај Нови Сад (ВИДЕО)

Театарот „Војдан Чернодрински“ со претставата „Аудиција“ од Галин, во режија на Владимир Милчин, синоќа се претстави во официјалната програма на 11-то издание на амбиенталниот театарски фестивал “Нови Тврдина Театар”, што до 2 септември се одржува во Чортановци, во близина на Нови Сад, Србија.

Нашиот театар со „Аудиција“ настапува во конкуренција на други пет претстави од регионот, а изведбата е во вила Станковиќ, која од неодамна е промовирана како нова амбиентална театарска сцена.

Според уметничкиот директор на фестивалот Вида Огњановиќ, темата на годинашниот фестивал, кој е под мотото„ Смета ли иднината на нас?“, се проблемите кои се случуваат денес, a претставите говорат за човечките проблеми.

Претставата „Аудиција“ во која играат Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Волчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски, зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината.

Прилепските актери имаа одлична изведба, а публиката ги награди со аплаузи и овации за одлично прилагодената претстава на амбиенталната сцена во Чортановци.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.