На 14.6.1016 Ротаракт Клуб Прилеп ќе ја организира хуманитарната трка „Трка со срце“, спортски настан кој оваа година ќе се одржи на патеките од 5 и 10 километри низ улиците на Прилеп.
Настанот има за цел преку спортот да се испрати силна порака за хуманост, заедништво и инклузивност, покажувајќи дека трчањето не е само натпревар, туку и начин да се помогне таму каде што е најпотребно. Под мотото „Трка со срце“, сите собрани средства од трката ќе бидат наменети за донација на електромагнетен стимулатор, како и поддршка за повредените во Кочани.
Организаторите најавуваат учество на рекреативци, професионални тркачи, млади луѓе и граѓани кои сакаат да бидат дел од една позитивна, хумана но и пред се инклузивна приказна. Трката ќе биде симбол на солидарност и потсетник дека малите чекори на секој поединец можат да направат голема промена за некого.
Поради непречено и безбедно одвивање на настанот, дел од улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени во времетраење од околу 3 часа во недела на 14 јуни во утринските часови (08:00-11:00).
Од Ротаракт клубот упатуваат молба до граѓаните за разбирање, трпение и почитување на времената сообраќајна регулација.
„Ова не е само спортски настан, туку повик за заедништво, емпатија и поддршка. Веруваме дека Прилеп повторно ќе покаже дека има големо срце“, велат организаторите.
Пријавувањето за учество е веќе отворено, а организаторите ги повикуваат сите љубители на спортот и хуманоста да бидат дел од „Трка со срце – Prilep Run 2026“ и заедно да испратат силна порака дека хуманоста секогаш победува.
Регистрација на е-маил адресата: [email protected] или на телефонскиот број: 075 416 731

























