По фестивалските денови во Прилеп, се враќаме во реалноста, онаа вистинската, и реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните секојдневно.
Прилеп одново е преплавен со диви прематари на земјоделски производи, а Јавното претпријатие “Пазари” одново се мачи да собере средства за да исплати плати на своите вработени.
Претпријатието и пазарџиите кои уредно си плаќаат закуп на тезги во градскиот пазар, се соочуваат со нелојална конкуренција. Продавачи од камиони, паркирани каде ќе стигнат, кои често предизвикуваат непрегледност во сообраќајот низ улиците, печалат на грбот на оние кои редовно ги подмируваат своите давачки кон ЈП Пазари.
Ова е проблем кој со години го мачи Прилеп, никој не вели дека овие луѓе не заслужуваат егзистенција, никој не го напушта домот и по свој ќеиф заминува со месеци да живее во камион, но ред треба да има, а ред ќе се обезбеди со изнаоѓање соодветна локација за сите вакви прематари и соодветен надоместок за користење на просторот, а не кој кај ќе стигне.




























