Талентираната девојка од Прилеп се подготвува за популарниот фестивал во Котор – ќе настапи со својата прва авторска песна

Младата прилепчанка Михаела Пурдеска го прави својот прв авторски чекор со песната „Два света“ – поп-рок композиција инспирирана од нејзиното лично доживување и креативна визија.

Текстот ја отвора темата за животот на младите, нивните разлики, но и невидливата нишка што ги поврзува. Музиката и аранжманот се потпишани од Борче Шабаноски, додека бек вокалите ги изведува нејзината професорка по соло пеење, Леонарда Богданоска. Токму под нејзино менторство, Михаела досега има освоено бројни регионални и државни награди со максимални бодови во категоријата класична музика.

Процесот на доработка на композицијата ќе продолжи и во наредниот период, со цел песната да го достигне своето целосно звучно и уметничко изразување. Интонациските и соло подготовките се одвиваат под менторство на Денис Димоски, во рамки на музичкото училиште „Матрикс“.

Премиерната изведба на „Два света“ ќе се случи на фестивалот „Катаро Тин“ во Котор, кој ќе се одржи на 5 и 6 јуни. Согласно правилата на фестивалот, песната нема да биде јавно објавена по студиската обработка – своето деби ќе го има токму на сцената.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.