Средното економско училиште во Битола доби младинско катче и кариерен центар

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новото Младинско катче и Кариерен центар во СОЕУ „Јане Сандански“ – Битола.

Овој нов современ простор претставува многу повеќе од обична училишна просторија, тој е симбол на соработката, креативноста и заедничката визија за подобра и поперспективна иднина на нашите ученици, а во духот на иновациите, младинскиот активизам и постојаното усовршување на образовниот процес, велат од училиштето.

Она што овој проект го прави особено вреден и посебен е фактот што сѐ што се наоѓа во овие простории е резултат на исклучителен труд, посветеност и дисциплина на самите ученици. Со многу ентузијазам, визија и соработувајќи меѓусебно, тие го претворија овој дел од училиштето во инспиративна оаза, работејќи во тесна соработка и со огромна поддршка од нивниот координатор и професор, Целе Јолевски.

Градоначалникот Коњановски изрази задоволство од ангажманот и идејата овој простор да биде катче каде што гласот на младите ќе се слуша погласно, каде што тие слободно ќе ги споделуваат своите иновативни идеи, ќе ја развиваат својата креативност и ќе прераснат во активни чинители на општеството.

Во рамките на овој нов сектор, своето целосно функционално место го наоѓа и Кариерниот центар заедно со кариерен советник, чија улога е од непроценливо значење во образовниот пат на секој средношколец.

Со отворањето на овој центар, СОЕУ „Јане Сандански“ продолжува цврсто да чекори кон создавање стимулативна средина која не само што го следи моделот на современото образование, туку активно инвестира во капацитетите на младите генерации.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.