Советниците од Прилеп на потег – Јавен предлог да се донираат советничките паушали за гостиварчани

Во овие моменти во кои жителите на една од најголемите општини во Македонија, општина Гостивар, се соочуваат со последиците од неисправна вода за пиење, и Прилеп постави собирен пункт во центарот на градот, каде граѓаните и компаниите ќе можат да донираат флаширана вода за гостиварчани и да ја покажат својата хуманост и солидарност.

За поставениот пункт на социјалните мрежи информираше градоначалникот на општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој веднаш по споделената вест доби коментар од советникот од политичката партија Левица, Жарко Стеваноски, кој предлага одржување на итна седница на Советот на општина Прилеп, за донесување на одлука за финансиска и нематеријална помош на жителите на Гостивар и населените места.

-Интенцијата е да ги донираме своите советнички паушали а општината да издвои дополнителни финансиски средства за оваа намена. Доволно граѓаните издвојуваат за болни, за операции и настрадани од непогоди. Ве молам апелирајте до претседателот на Совет за да си ја олесниме задачата, напиша во коментарот Стеваноски.

Истиот коментар Стеваноски му го упати и на новоименуваниот претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и советник во Советот, Христијан Тунески.

Останува да видиме дали оваа иницијатива на Стеваноски, ќе наиде на разбирање од останатите советници во Советот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.