Секоја чест за овие луѓе: Исчисти го сопствениот двор, кога веќе градот послабо се чисти (ВИДЕО)

Додека многумина секојдневно се жалат на нечистотијата низ градот, група млади прилепчани решија да покажат дека промените не започнуваат со критики, туку со личен пример. Иницијативата „Мој Прилеп“ успешно ја реализираше првата работна акција „Чистиме Џубрината #1“, во која десетици граѓани доброволно се вклучија за да го исчистат и уредат паркот и детското игралиште кај зградите во населбата Бончејца.

Со метли, гребла, тримери, колички и многу добра волја, волонтерите за неколку часа успеаја целосно да го променат изгледот на просторот, покажувајќи дека кога постои желба, резултатите не изостануваат.

Особено радува фактот што на повикот на „Мој Прилеп“ се одзваа голем број прилепчани од различни генерации. Некои работеа, други донираа освежување, а сите заедно испратија силна порака дека грижата за градот е обврска на секој од нас.

„Уште една успешна акција – Џабе работи, џабе не седи! Благодарност до сите што дојдоа, помогнаа и донесоа освежување. Со секоја акција бројот ни се зголемува“, порачаа од „Мој Прилеп“ по завршувањето на акцијата.

Ваквите иницијативи заслужуваат искрена поддршка и почит. Наместо да чекаат некој друг да ја заврши работата, овие млади луѓе покажаа дека со малку труд, организација и заедништво може да се направи голема промена. Токму затоа – секоја чест за нивниот пример, кој заслужува да го следат што повеќе граѓани.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.