Прилепската болница покажа како треба да функционира здравството: Итно повикан и обезбеден тим од Скопје и изведена тешка операција

Кога здравствената состојба на пациентот бара итна реакција, навремената координација и достапноста на стручна медицинска помош можат да бидат од особено значење. Токму таков пример доаѓа од Прилеп, каде што по влошување на состојбата на пациент со повреда на ’рбетот, веднаш била започната организација за оперативна интервенција.

Како што информира директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп, д-р Кире Јоноски, по појавата на невролошки испади на долните екстремитети, тој стапил во контакт со директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, трауматологот и спинален хирург д-р Игор Мерџаноски.

Реакцијата, според директорот, била непосредна и професионална. Денеска, во сабота, д-р Мерџаноски пристигнува во прилепската болница, заедно со анестезиологот д-р Александар Димитровски и тим од ТОАРИЛУЦ, со цел заеднички да ја изведат оперативната интервенција и да му биде обезбедена најсоодветна здравствена грижа на пациентот.

„Ова е пример како треба да функционира здравствениот систем – со брза координација, меѓуинституционална соработка и достапност на специјализирани медицински тимови таму каде што се најпотребни“, наведува д-р Јоноски.

Тој упатува посебна благодарност до д-р Игор Мерџаноски, д-р Александар Димитровски и целиот тим на ТОАРИЛУЦ за професионалноста, одговорноста и подготвеноста веднаш да одговорат на потребите на пациентот.

Овој случај е позитивен пример за тоа колку е важно здравствените установи да соработуваат и специјализираната помош да биде достапна навреме, без оглед на денот, времето или околностите.

Грижата за пациентот не завршува со работното време. Напротив, токму во најтешките моменти се покажува значењето на одговорноста, стручноста и координираното функционирање на здравствениот систем.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.