Состојбата во Мариово е многу посериозна од она што во моментов се прикажува во јавноста, предупредуваат од селото Чаниште, каде пожарот продолжува да беснее и зад себе веќе остави огромна материјална штета.
На Фејсбук-страницата на село Чаниште информираат дека пожарот никогаш не бил целосно изгаснат и дека огнот и понатаму е активен. Според нивните информации, во селото веќе се зафатени голем број објекти, а околу 20 куќи изгореле.
Пожарот се проширил во правец кон Црна Река, додека огнената линија се шири и на горната страна од селото, кон Маргара и селото Крушевица.
Особено загрижувачки се информациите дека и во текот на ноќта на 18 август имало активни пожари и дека гореле куќи во селото.
„Ова не е време за потценување на опасноста. Потребни се итна реакција, што повеќе луѓе, противпожарни екипи, механизација, возила и друга неопходна опрема“, стои во апелот објавен на страницата на селото.
Жителите апелираат до сите надлежни институции, локалните власти, пожарникарите, доброволците и сите кои можат да помогнат, што побрзо да се мобилизираат сите расположливи сили и средства.
Мариово повторно се соочува со сериозна опасност од ширење на огнената стихија, а секој час е важен за да се спречи понатамошното уништување на селата, домовите и имотот и, пред сè, да се заштитат човечките животи.
„Потребни се што повеќе луѓе и средства – веднаш“, апелираат од Чаниште.
























