ОГРОМНА ШТЕТА! Семејство од Прилеп загуби 42 хектари со бадеми во пожарот во Мариово

Огромна материјална штета предизвика пожарот кој веќе трет ден беснее во Мариово, а според сведоштво на Даме Чкатроски, во огнената стихија целосно е уништена семејна плантажа од 42 хектари со бадеми.

Во својот Фејсбук статус, Чкатроски наведува дека пожарот во реонот на Крушевица и Чаниште избувнал во понеделникот околу 13:30 часот и дека, според неговите информации, досега не е ставен под контрола.

„Нашата плантажа од 42 хектари е веќе уништена“, пишува Чкатроски, додавајќи дека материјалната штета од пожарот е огромна.

Според неговото сведоштво, во пожарот досега изгореле и околу 20 куќи и придружни објекти, а огнената линија се проширила на повеќе од 30 километри.

Чкатроски посочува дека пожарот и понатаму се шири без контрола, и покрај напорите на прилепските пожарникари и локалното население, кои интервенираат со механизацијата и опремата што им се достапни.

Тој во статусот апелира Општина Прилеп да прогласи елементарна непогода, оценувајќи дека расположливата механизација е недоволна во однос на размерите на огнената стихија.

„Дадовме тоа што го имаме од механизација, но тоа е смешно спрема тоа што се случува“, наведува Чкатроски.

Според Чкатроски, постои опасност огнот да продолжи да се шири во правец кон Битола, Кавадарци и Прилеп, како и да ја премине Црна Река.

„Ова е најголема огнена стихија во овој момент во регионот“, стои во неговиот апел, во кој тој предупредува дека состојбата на терен е многу посериозна од информациите што досега се објавуваат во јавноста.

Пожарот во Мариово продолжува да претставува сериозна закана за селата, домовите, земјоделските насади и имотот на жителите, додека локалното население и пожарникарите продолжуваат со борбата со огнената стихија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.