Фудбалската неизвесност во Прилеп добива нова димензија, а како светло на крајот од тунелот се појави иницијатива за враќање на оригиналната ФК Победа во натпреварувачкиот фудбал.
Иницијативата официјално ја потврди својата намера, со најава дека ќе бидат преземени конкретни чекори за обновување на историскиот клуб, неговиот идентитет и фудбалското наследство.
„Сакаме пред прилепската и македонска спортска јавност и официјално да ја потврдиме нашата намера дека ги преземаме неопходните чекори за да ја обновиме и вратиме оригиналната ФК Победа Прилеп во натпреварувачкиот фудбал“, се наведува во изјавата.
Од иницијативата посочуваат дека проектот е фокусиран на историската Победа, нејзиниот идентитет, наследство и местото во спортската историја на Прилеп, а нагласуваат и дека нема никаква врска со неодамна формираниот ФК Победа Прилеп.
Следниот чекор е најавен за в понеделник, кога претставници на иницијативата треба да ја поднесат потребната пријава и документација до надлежните фудбалски институции со цел оригиналната Победа да биде вклучена во системот на натпревари.
„Разбираме дека официјалните фудбалски власти на крајот ќе ја одредат подобноста на клубот и соодветната лига во која може да учествува. Нашата цел е затоа да ги исполниме сите потребни услови и да соработуваме конструктивно со соодветните власти за да го обезбедиме враќањето на клубот во натпреварувачки карактер“, се додава во објавата.
Иницијаторите воедно нагласуваат дека проектот не бара финансиска поддршка, инвестиција или средства од надворешни страни. Доколку планот добие зелено светло, Прилеп би можел да ја дочека новата ера со враќање на клубот кој е длабоко врежан во спортската историја на градот. Сега останува да се види дали најавената иницијатива ќе добие официјална потврда и ќе го отвори патот за големото враќање на Победа.

























