Од полноќ поевтин дизел за 6,5 денари

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 2,06% во однос на претходната пресметка.

Од 1 септември од 00:01 часот, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство бележат значително поевтинување, додека цените на бензините се зголемуваат.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 6,50 денари по литар и ќе изнесува 95,00 денари.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 3,50 денари и ќе изнесува 97,00 денари по литар.

Цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 денар по литар. Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 94,00 денари/литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по цена од 96,00 денари/литар.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,166 ден/кг и ќе изнесува 44,410 ден/кг.

Од РКЕ информираат дека референтните цени на светскиот пазар бележат зголемување кај бензините за 2,212%, додека кај дизелот има намалување за 8,237%, кај екстра лесното масло за 4,389% и кај мазутот за 2,793%. Курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,5477%.

Од регулаторната комисија напоменуваат дека ова се максималните утврдени цени, а трговците на големо и мало можат да ги формираат цените и пониско од највисоките утврдени износи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.