Кривична пријава против двајца радовишани, неовластено и во нехигиенски услови произведувале мраз во кој е утврдено присуство на бактерии, водата за производство ја обезбедувале од нелегален приклучок на водоводна мрежа.
СВР Струмица-ОВР Радовиш, до Основното јавно обвинителство Радовиш, поднесе кривична пријава против Т.Д.(62) и С.Д.(62), двајцата од Радовиш, поради постоење на основано сомневање дека извршиле продолжено кривично дело „производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти“ по член 213 Кривичниот законик.
Пријавените повеќе години наназад, како нерегистрирани производители на мраз, вршеле производство на мраз во импровизирани и нехигиенски услови и така небезбедно произведен го пуштале во промет на други правни и физички лица. На 16.09.2026, врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш во координација со државен инспектор за храна од Агенција за храна и ветеринарство извршиле претреси во дом и други простории, на четири локации, кои ги користат пријавените.
Притоа, на терасата во приземниот дел од куќата во која живеат биле пронајдени замрзнувачи во кои имало поголем број ќеси во кои имало коцки мраз, кои биле складирани и оставени од пријавените за продажба по принцип на самопослужување, а парите од продажба се оставале во посебна кутија. Додека, во подрумските простории од куќата биле пронајдени четири машини за производство на мраз во коцки и уште еден фрижидер-замрзнувач во кој имало поголема количина коцки мраз, спакувани во ќеси за продавање.
























