“На трибина во кафиќ Градоначалникот на двојазичен Прилеп кажа колку треба да се сака Северна Македонија??”

Во соработка со Општина Прилеп и граѓанското здружение Младински совет од Прилеп, Европското движење во Република Македонија денеска организираше панел дискусија на тема „Социо-економските перспективи на младите во општина Прилеп и Пелагонискиот регион“. Целта на денешната дискусија беше афирмација на европските иницијативи за потесна соработка на локалните власти со граѓанските здруженија од регионот, како и со останатите чинители во развојните процеси.

Обраќајќи им се на младите, во своето излагање градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски рече дека колку и да звучи како флоскула, секогаш се’ почнува и завршува со младите, дека младите се авангарда, но и покрај тоа тие не секогаш имаат можност тоа да го докажат во вистинска смисла на зборот.

„Едукацијата е основа на вашето знаење, на вашето професионално обучување кое треба да го имате за да се вклопите во општествено-политичкото живеење. Но пред се’, треба да се направи амбиент кој ќе придонесе да имате обврски и одговорности спрема системот. Стратегијата која ние треба да ја направиме, неопходно е да ја вклопиме во стратегијата на ЕУ 2019-2027, каде фокусот е насочен кон три области: ангажирање, оспособување и поврзување. Сите тие се подеднакво важни и сите треба системски да се имплементираат. Сите вие треба да го имате чувството на припадност, дека припаѓате овде, а државата и локалната самоуправа треба да направат амбиент за тоа што ќе го научите, да го имплементирате овде, во нашата држава“, нагласи градоначалникот Јованоски.

Градоначалникот ја истакна неопходноста од пристапот до информациите, што со оглед на секојдневниот технолошки развој, на денешните генерации млади тоа им е овозможено. Јованоски потенцираше дека е исклучително важно да се овозможат подеднакви услови за едукација и развој на сите млади, особено на оние кои живеат во руралните средини, кои ги немаат истите услови како младите од урбаните средини. Во таа насока, Јованоски ја спомена соработката која Општина Прилеп ја има со невладиниот сектор и иницијативата за формирање Совет на млади.

Милева Ѓуровска, професорка на Филозофскиот факултет – Скопје, истакна дека повозрасните мора да им помогнат на младите, нешто за што многу се зборува и во ЕУ.

„За ова се зборува и во ЕУ. Отворете ги весниците, оние кои што расправаат за темите за младите, ќе видите дека особено оваа година, но и во изминатите 4-5 години, ЕУ бара начин како да им се помогне на младите. Оти верувале вие или не, тие ги имаат истите проблеми кои ги имате и вие. Можеби не во таа димензија, но ги имаат истите проблеми. ЕУ 20 години наназад гради политики со кои сака да ги насочи младите да го најдат своето место во општество во кое има многу големи промени. Нашето општество денес е лабораторија на промени и тешко се консумираат сите. Меѓутоа, современите општества се општества на промени. Единствено нешто што е константно во општеството, е промената“, изјави професорката Ѓуровска.

Со свои размислувања, во дискусијата учествуваа и професорот на Факултетот за безбедност, Трпе Стојаноски, Ерика Пешкоска од Правниот факултет на Меѓународниот Славјански универзитет во Битола, професорката од Американ колеџ – Скопје, Јадранка Мршиќ, претставникот на АЛДА, Ивана Велкова и Зоран Илиески од Младинскиот совет од Прилеп.

Извор: “www.prilep.gov.mk”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.